Одбележан 18-ти Oктомври, Европскиот ден за борба против трговија со луѓе и илегална миграција

 

Националната комисија спроведе активности по повод 18-ти oктомври, Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, во Младинскиот културен центар во Скопје. На настанот присуствуваа министерката за внатрешни работи -Гордана Јанкулоска, министерот за труд и социјална политика-Спиро Ристовски, државната секретарка на Mинистерстото за внатрешни работи и Национален координатор за борба против трговија со луѓе -Виолета Јанковска, директорката на Биро за развој на образованието -Веса Хорватовиќ, како и ученици од неколку средни училишта. 
Настанот беше одбележан со прес-конференција и прикажување на краткометражниот филм со наслов “Ти си жива“, на околу 130 средношколци. 
Министерката Јанкулоска, апелираше до младите за сериозноста на проблемот на трговијата со луѓе,  да се чуваат од лажни ветувања за брза заработка и навреме да ги препознаваат лицата кои се занимаат со трговија со луѓе, да влијаат на нивните врсници доколку забележат дека некому му се заканува опасност да стане потенцијална жртва, независно дали станува збор за трудова или сексуална експлоатација.
Најчесто македонските жртви на трговија со луѓе идентификувани во странство, се експлоатирани преку лажните и принудни бракови, но и преку „продавање на невести“ од страна на нивните родители. 
Mинистерстото за внатрешни работи, во наредниот период ќе формира заеднички истражни тимови со полициите на надлежните институции од соседните земји и земјите - членки на Европската унија, во зависност од потребата за делување, а со цел спречувањето на различните форми на модерното ропство.